Ракометарите на Алкалоид ја остварија и 16-тата победа во Супер лигата. Тие во дербито од 2.коло во плејоф конкуренцијата го совладаа Тиквеш со 26-25.

Дуелот во Автокоманда го оправда приматот дерби. Супер интересен и неизвесен меч можеа да гледаат љубителите на ракометот.

Во прво полувреме во тима имаа свои добри и лоши периоди на игра.

Домаќините подобро го започнаа натпреварот имаа водство се до 6-5. Потоа гостите ја презедоа контролата и во 24.минута имаа четири гола позитива 12-8. Но, до крајот на полувремето, Тиквеш не постигна ниту еден гол, а прими шест, па Алкалоид на одмор замина со +2 (14-12).

Во вториот дел. Алкалоид имаше и пет голови предност 18-13, но Тиквеш не се откажа. Кавадарчани се вратија во игра и на 53.минути стигнаа до израмнување 23-23.

Така се играше се до самиот финиш, во кој Алкалоид во завршните секунди влезе со гол предност 26-25. Последниот напад на гостите го изјалови искусниот Благојче Трајковски (11 одбрани), кој го одбрани ударот на Мартин Манасков.

Најефикасен на натпреварот и во победничката екипа беше Мартин Серафимов со 8 голови. Поддршка имаше од Марко Митев со 7, додека Иван Џонов постигна 5 гола. Кај поразениот состав по 6 гола постигнаа, Манасков, Страхиња Симиќ и Ани Обина.

Со овој натпревар комплетирано е второто коло во плејоф конкуренцијата, а Алкалоид се врати на врвот на табелата.

СУПЕР ЛИГА (мажи) ПЛЕЈ-ОФ 2.КОЛО
денеска

АЛКАЛОИД – ТИКВЕШ 26-25
Одиграно вчера
БУТЕЛ СКОПЈЕ – Е. ПЕЛИСТЕР 24-28
ОХРИД – СТРУГА 31-26
Одиграно во петокот
ВАРДАР – ПРОЛЕТ 32-18

ТАБЕЛА: Алкалоид 9 бодови, Еурофарм Пелистер 8, Охрид 8, Вардар 6, , Тиквеш 4, Бутел 1, Пролет 0 и Струга 0.