Македонските претставници битолски Пелистер и скопски ТФТ попладнево ќе играат натпревари во АБА2 лигата.
Пелистер ќе го игра натпреварот од 8.коло во АБА2 лигата, а противник на битолчани на турнирот во Нов Сад е хрватската Шибенка.
Пелистер по седум одиграни натпревари со две победи е на 12.место на табелата. Послаби од нив се само ТФТ и денешниот противник Шибенка кои имаат само по една победа.
За избраниците на Дарко Радуловиќ ова треба да е добра шанса да се забележи нов триумф. Тоа впрочем е и императив, бидејќи со победа Пелистер останува во игра за местата што водат во плејофот.
Овој натпревар ќе започне од 15 часот, а веднаш по него на паркетот ќе истрчаат кошаркарите на ТФТ.
За тимот од скопската населба Тафталиџе тоа ќе биде втор меч во Нови Сад. Пред два дена ТФТ во „тесен“ натпревар загуби од црногорската екипа Подгорица.
Денеска предизвик за избраниците на Боро Смилковски ќе биде трето пласираната екипа на Суботица. Противникот кој досега оствари шест победи, важи за фаворит. Но, дали ТФТ ќе прикаже доволно добра игра за победа останува да се види.
Дуелот меѓу ТФТ и Суботица ќе се игра во терминот од 18 часот.