Ракометарките на ЖРК Ѓорче Петров обезбедија пласман во ТОП 8 на Европскиот куп.
Задоволството во редовите на македонскиот шампион беше огромно, од причина што целта за оваа сезона е исполнета. Имено надминат е ланскиот пласман во осмина финалето на истото натпреварување.
– Задоволен сум како девојките го одиграа натпреварот. Од пристапот, залагањето во текот на целиот натпревар од целиот тим. Знаевме дека само така на тој начин може да стигнеме до посакуваната цел. Во првиот дел почнавме добро и имавме постојано контрола над резултатот. Во второто полувреме противникот направи тактички промени, а брзо се адаптиравме на промените. На крајот важно беше ние да ја имаме топката и контролата, затоа сум уште позадоволен – изјави тренерот Симе Симовски.
Лани ЖРК Ѓорче Петров беше елиминиран во осминафиналето, но оваа година забележан е напредок на резултатски план.
– Ова е голем резултат за нас во клубот. Овие девојки, најголемиот дел 3-4 години се заедно и максимално работат секој ден. Пристапот за овие натпревари им беше максимален и затоа дојде и резултатот. Покрај тренинзите се внимава и на исхраната, пристапот кон противниците, подготовката на натпреварите. Сметам дека добро ќе биде да имаме 3-4 клубови од женската лига со вакви резултати, па ние и во нашата лига да имаме квалитетни натпревари. Ова би требало да биде поттик за другите клубови, додаде тренерот на „ѓорчепетровки“.
За евентуалниот противник во четвртфиналето Симовски, немаше желба со тоа што уште два натпревара се играат денес (холандски Венло и словачката екипа Михаловце се домаќини, а победија на првите натпревари како гости). Покрај македонскиот првак ЖРК Ѓорче Петров пласман имаат изборено екипите: Гран Канарија, Елче, Гранољерс, Бенфика и Јаликавак.
Извлекувањето на двојките ќе биде во вторник.