Германија е минато, за македонските ракометари. Сега сите мисли се насочени кон последниот натпревар на Европското првенство.
Селекторот Кирил Лазаров и неговите избраници ги прават подготовките за мечот со Швајцарија.
Тоа е селекцијата против која би требало да сме рамноправни. Ова секому беше јасно уште по извлекувањето на групите за првенството.
„Ако има противник против кого можеме да сме компетитивни и да се бориме за позитивен резултат, тоа е Швајцарија и тоа го знаевме уште пред почетокот на овој шампионат.
Јас и на играчите во соблекувалната по мечот со Германија им кажав: Што било, поминало, мораме што побрзо да се средиме во главите, да преспиеме и да го искористиме овој ден за да се подготвиме за Швајцарците.
Треба да го дадеме нашето најдобро, на индивидуален и на колективен план и да се бориме за позитивен резултат против Швајцарија.
Видовте како Швајцарците изненадија со Франција, откако загубија со 13 гола од Германија.
Јас секогаш верувам во изненадувања, во победи, без разлика со кој противник играме. Треба само да ги средиме главите и да веруваме во она што работиме.
Мислам дека имаме квалитет и сигурно ќе се обидеме да се покажеме во добро светло и да се бориме за позитивен резултат“, изјави селекторот Лазаров
Македонија и Швајцарија својот натпревар од последното 3.коло во А групата ќе го играат утре од 18 часот.