Претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК) Даниел Димевски оствари средба со Томас Бах претседателот на Меѓународниот олимписки комите (ИОК).

На средбата одржана во седиштето на ИОК, покрај признанијата за добра работа МОК доби и предупредување.

Доколку, државата (Македонија) не ги реализира преземените обврски за носење на Закон за спорт, македонскиот спорт може да се соочи со суспензија од ИОК. 

„По повод посетата на претседателот Даниел Димевски на претседателот Томас Бах, седиштето на ИОК беше во боите на Македонското знаме.

На средбата, во исклучително пријателска атмосфера претседателот Бах официјално му го врачи Сертификатот за признавање на МОК како одговорна организација што применува практики и принципи на добро владеење.

На самиот чин на сертифицирање претходеше презентација и евалуација на сите проекти што ги реализира Македонскиот Олимписки комитет, како и позитивниот извештај од страна на реномираниот Price Waterhouse Cooper презентиран годинава.

Претседателот Бах изрази подготвеност да помогне во проектот за поставување на фотоволтаици на кровот од Олимпискиот центар “Јане Сандански” како и максимална поддршка при организација на претстојните младински олимписки игри во Скопје во 2025 година.

За огромната поддршка што претседателот Бах ја дава на Македонскиот Олимписки комитет, од страна на претседателот Димевски му беше врачена престижната награда “Златна Олимпија”.

Во вториот дел од работната посета, претседателот Димевски имаше средба со директорот за правни прашања во ИОК г-дин. Жером Поивје кој даде предупредување до овластените државни органи задолжени за спорт (АМС) дека превземените обврски за носење на ново законодавство за спорт не ја реализирале во од нив предложениот рок што потенцијално е огромна опасност за суспензија на севкупниот македонски спорт.

Врз база на неговите забелешки и насоки МОК ќе ја превземе задачата за подготвување на новиот Закон за спорт кој ќе биде усогласен со Препораките и Повелбата на ИОК.„