РК Вардар информира дека левото крило Марко Срдановиќ (25), ќе остане дел од клубот уште две сезони.

Српскиот интернационалец одлично се снајде во дресот на Вардар и на сите натпревари на кои настапи го потврди својот квалитет.

Тој покажа дека одлуката на македонскиот клуб да го ангажира била вистинска. Задоволни од неговиот настап, Вардар му понуди нов договор на Срдановиќ според кој тој треба да остане во Скопје најмалку до 2026 година.

„Со ангажирањето на Срдановиќ, добивме играч со мирна и прецизна рака, добра пеналџија и пред се спортист со карактер и човек со став.

Убедени сме дека заедно ќе создадеме компактен тим кој во иднина ќе ја продолжи трасираната патека и ќе биде дел од победнички Вардар“,

потенцираат од клубот.

Тој е еден од неколкуте нови играчи што сезонава дојде во Вардар, и веднаш се вклопи во тимот.

„Доаѓањето во Вардар ми беше најдобриот потег во кариерата. Одлично се снајдов во Скопје, клубот и играчите ме прифатија како семејство, и таа хемија носи резултат.

Вардар создава тим што во иднина ќе биде не само квалитетен, туку и доминантен.

Затоа сметам дека останувањето во Скопје е уште еден вистински потег. Имам одлични соиграчи, управа и пред се навивачи. Тоа секогаш носи резултат“,

изјави Срдановиќ.

Вардар моментно е првопласиран во Б групата и повеќе од сигурно че пренесе три бода во разигрувањето за титулата.

Целта на Вардар сезонава е враќање на врвот и во Лигата на шампионите, и освојување на двојната круна.
.