Одбоjкарките на Јанта Волеј му се реваншираа на лутиот градски ривал Работнички за поразот во големото финале од минатата сезона.
Во меч од 2.коло во првата женска лига, одигран во Кисела Вода, екипата на Јанта Волеј со голем пресврт славеше над Работнички со 3:2 во сетови.
Борбата траеше повеќе од два часа, а домашните одбојкарки иако имаа негатива од 0:2 во сетови, на крајот се радуваат на победа во пет сета.
Работнички ги доби првите два сета со 18-25 и 21-25 и се чинеше дека ќе слави во три сета.
Но Јанта Волеј собра сили и во израмнета битка со противникот најпрво успеа да израмни на 2:2 откако ги доби третиот и четвртиот сет со 25-23 и 25-22, а потоа и да слави победа во петтиот сет со 15-11 и да стигне до втората победа во сезоната.
Најдобра во победничкиот состав беше Мери Бошковска со 22 поена, Симона Стојановска даде 19 од кои 6 аса, а Бојана Мароевиќ постигна 16.
Кај Работнички беше најефикасната на мечот Антонија Баталаковска со 27 поени, а Тамара Стојанова даде 17.
Во следното коло тимот на Јанта Волеј игра уште едно дерби и тоа нагости против тимот на Струмица.
Шампионот Работнички ќе го пречека непоразениот тим на Наковски Волеј.