Дербито на 8.коло од ракометната Супер лига (Б група) се игра попладнево во Битола меѓу првакот Еурофарм Пелистер и Вардар. Дуелот на лутите ривали секогаш привлекувал внимание, а овој денешниот имаше и „предигра“.
Имено „вардарци“ изминативе денови беа „зафатени“ со стомачен вирус и тренажниот процес беше нарушен. Дел од играчите и челнови на стручниот штаб не можеа да одговорат на своите обврски.
Притоа од управата на клубот побараа одложување на натпреварот. Но, раководството на битолскиот тим не го прифати барањето и реши натпреварот да се игра во закажаниот термин – недела 18 часот во салата „Боро Чурлевски“.
Инаку, во двата натпревара оваа сезона Вардар постигна победи против Е.Пелистер.
Во првенствениот дуел во Скопје беше 30:25, а во рамките на Супер купот во Струмица 30:26.
Натпреварот во Битола ќе го судат нашите најдобри судии: Славе Николов и Ѓорѓи Начевски, а делегати се Ацо Николовски и Цане Куртовиќ.
Покрај овој дуел денеска се игра и натпреварот од оваа Б група меѓу Голден Арт и Мулти Есенс (почеток 17 часот, сала Јане Сандански).