Македонската фудбалска репрезентација полека се комплетира. Во хотелот „Хилтон“ во Скопје, селекторот Милевски денеска ги очекува фудбалерите кои се на неговиот список за дуелот со Украина. 

Краток ќе биде периодот на подготовка за пристојниот евро-квалификациски натпревар, но желбата да се продолжи позитивниот тренд на резултати е огромен.

„Не очекува многу важен натпревар за нас. Иако во ноември имаме уште два, ова е еден од најважните натпревари.  

Треба да се фокусираме на овој натпревар и да одиграме најдобро што можеме.

Треба да победиме што ни е многу важно за следните дуели“,

вели искусниот Александар Трајковски. 

Во првиот меч во Скопје, нашите фудбалери и покрај водството од два гола, потклекнаа во вториот дел и беа поразени со 2:3.

„Во првиот натпревар со Украинците, покажавме дека едноставно доминиравме во првото полувреме, во првите 60-минути.

Ние знаеме дека имаме квалитет и дека можеме да играме со сите, но треба да го покажеме тој менталитет и ако имаме позитивен резултат треба да издржиме до крај.

Мора да изиграме добро за да ги освоиме трите бодови“, дополнува Трајковски. 

За разлика од тој натпревар, сега селекцијата е во далеку подобра форма, со поголема самодоверба и одлична атмосфера. Тоа се должи на двата последни натпревари со Италија и Малта. 

„Се надевам дека ќе продолжиме со тој низ на позитивни резултати, а ако го одржиме тоа темпо во иднина ќе натпреваруваме уште повеќе“,

заклучи фудбалерот на сплитски Хајдук. 

Натпреварот Украина – Македонија ќе се игра во Прага, во сабота (14 октомври) од 15 часот. 

СИТЕ АКТУЕЛНОСТИ ЗА ДУЕЛОТ УКРАИНА – МАКЕДОНИЈА