Репрезентацијата на Полска е првиот полуфиналист на Европскиот шампионат.
Полјаците конечно по двете загубени полуфиналиња, на претходните два шампионати, сега им се реваншираа на Словенците.
Полска ја победи Словенија со 3:1 и се пласира во финалето, прв пат по 2009-та кога беше и шампион.
Првиот сет мина во израмнета игра, а ниту една од репрезентациите не направи поголема предност од два поени. Словенците го добија со 25-23 за водство од 1:0.
Добро започнаа Словенците и во вториот во кој имаа четири поени предност (6-2). Следуваше серијата на Полјаците за водство 8-7. Во продолжението подобро одигра Полска па до израмнување на 1:1 стигна добивачи го сетот со 25-21.
Во третиот израмнето беше до 12-12, па уследи серијата на Полска со 5-1. Таквата предност знаеја избраниците на Грбиќ да ја сочуваат, го добија сетот со 25-20.
Налик на претходниот така и во четвртиот. Беше 11-11, па серија на сервис на Леон за водство од 17-11. Иако Словенците се вратија во игра, не успеаја да направат комплетен пресврт. Полска го доби сетот со 25-21 за конечни 3:1 и пласман во финалето.
Кој ќе биде противник во саботното финале на Полска, ќе дознаеме вечерва.
Од 21 часот ќе се игра дуелот меѓу актуелниот светски и европски шампион, домаќинот Италија и селекцијата на Франција.