Возачите на Ред Бул и Мекларен, Верстапен и Норис беа најбрзи на денешните два слободни тренинга во пресрет на трката за ГН на Холандија.

Најпрво актуелниот светски шампион на домашната патека во Зандворт постигна резултат од 1:11.852 минути.

Втор беше Фернандо Алонсо од Астон Мартин со 0,278 секунди заостанување, а трет Луис Хамилтон од Мерцедес со 0,373 секунди.

Серхио Перез од Ред Бул беше четврти, Алекс Албон од Вилијамс беше петти, а Ландо Норис од Мекларен беше шести.

На вториот слободен тренинг кој се возеше неколку часови подоцна, Ландо Норис од Мекларен беше најбрз.

Норис го извозе најбрзиот круг за 1:11,330 минути, додека локалниот возач и член на Ред Бул, Макс Верстапен заврши на второто место со заостанување од 0,023 секунди.

Третото место му припадна на возачот на Вилијамс, Александар Албон (0,269 секунди заостанување), четврти Луис Хамилтон од Мерцедес (0,308), додека возачот на Алфа Таури, Јуки Цунода заврши петти.

Инаку тренингот беше прекинат набргу по почетокот. Возачот на Мекларен, Оскар Пјастри, и Даниел Рикиардо од Алфа Таури, удрија во заштитната ограда.

По тој инцидент Рикардо беше пренесен во болница, а тренинзите продолжија десет минути подоцна.

Утре на програмата е третиот слободен тренинг од 11:30 часот, а квалификациите почнуваат во 15:00 часот.

Трката за Големата награда на Холандија е закажана за в недела од 15:00 часот.