Македонските одбојкари со пораз го почнаа меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка”.
Македонија е поразена од Јапонија со 0:3 во мечот одигран вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. За разлика од првиот дуел во Кавадарци (пораз 2:3), сега Јапонците беа многу подобри и не им дозволија ниту еден сет на нашите одбојкари.
Првиот „Самураите“ го добија со 20-25, а во вториот беа уште по убедливи со 18-25. Во третиот, гостите водеа со 21-17, но со серијата на Љафтов црвено-жолтите се вратија во игра и намалија на 22-23. Сепак нашите одбојкари не успеаја да направат и комплетен пресврт, па Јапонците го добија сетот со 22-25, а мечот со 0:3.
Утре (20.15 часот), македонските одбојкари ќе играат против Египет кој денеска со 3:1 ја победи Грција.
Овој турнир е последна контрола за избраниците на Јошко Миленковски пред стартот на Европското првенство.