Во Првата македонска фудбалска лига денес ќе се одиграат 5 натпревари со почеток од 17 часот. Најинтересно ќе биде во Скопје каде што ќе се сретнат екипите на Вардар и Шкупи.
Вардар и Шкупи важат за лути ривали, како на теренот така и на трибината. Двете екипи во првото коло беа поразени, па тоа ќе им биде мотив плус за да го дадат својот максимум и да се изборат за првата победа во новата сезона.
Брера Струмица после одличниот старт и победата над Вардар, повторно ќе биде домаќин на екипа која доаѓа од втората лига. Овој пат во Струмица гостува новиот прволигаш екипата на Воска Спорт.
Во Кратово ќе се сретнат екипите на Силекс и Работнички. Романтичарите бркаат втора победа, додека кратовчани пред својата публика ќе се обидат да стигнат до првите бодови.
Македонија ЃП на поправен со Брегалница. Откако беа поразени во првото коло, лавовите ќе атакуваат на трите бода пред својата публика. Штипјани ќе се обидат да извлечат поволен резултат од ова тешко гостување.
Новиот прволигаш, Гостивар, на домашен терен ќе ја дочека екипата на Тиквеш. Кавадарчани беа одлични во првиот натпревар и ќе се обидат да им го нанесат вториот пораз на гостиварчани.
Натпреварот помеѓу екипите на Шкендија и Струга ќе биде одложен поради европските натпревари на стружани.
ПРВА ЛИГА – 2.КОЛО
Недела 17 часот
ВАРДАР – ШКУПИ
БРЕРА СТРУМИЦА – ВОСКА СПОРТ
МАКЕДОНИЈА ЃП – БРЕГАЛНИЦА
СИЛЕКС – РАБОТНИЧКИ
ГОСТИВАР – ТИКВЕШ