Ракометната репрезентација на Македонија за играчи до 19 години попладнево во Ријека го игра третиот натпревар од групата Ф на Светското првенство за играчи до 19 години. Противник на нашиот тим ќе биде селекцијата на Грузија која во првите две кола претрпе убедливи порази од Црна Гора и од Норвешка.
Избраниците на селекторот Раде Стојановиќ по одличниот настап вчера над Црна Гора и убедливата победа од 29:20 ја имаат улогата на фаворити. Но, само со максимална ангажирана игра во сите 60 минути може да се избори потребната победа за пласман во следната фаза (главна) од Светското првенство. Тоа воедно значи продолжување на натпреварите заедно со најдобрите репрезентации.
Почетокот на дуелот е во 17:30 часот, а во вториот термин од 19:30 часот играат Норвешка и Црна Гора. Во нашата група прва е Норвешка со 4 бодови, Македонија и Црна Гора имаат по 2, а Грузија е без бод.