Младинската машка репрезентација на Македонија со пораз го започна настапот на СП за ракометари до 19 години во Хрватска.
Македонските младинци се совладани од Норвешка со 27-25 во натпреварот од 1.коло од Ф групата, чиј домаќин е Риека.
Голема борбеност демонстрираа избраниците на селекторот Раде Стојановиќ, иако во текот на целиот натпревар бркаа негатива. На полувремето жолто-црвените имаа два гола негатива (11-9).
На стартот на вториот дел. Нашите ракометари им дозволија на Норвежаните да направат серија од 5-1 и за поведат со шест гола разлика (16-10). Сепак, одново се вратија во игра и со четири гола во низа намалија на 14-16.
Во самиот финиш голема драма. Дојдоа жолто-црвените и на гол негатива (24-25 и 25-26), но немаа доволно сили докрај да направат изненадување и да се изборат барем за нерешен резултат, па на крајот беа поразени со 25-27.
Најефикасен во нашата репрезентација беше Кирче Калајџиески со 7 голови, а по три реализираа Андреј Стојановски и Дамјан Митев.
И покрај поразот нашите младинци не разочараа, напротив покажаа дека имаат карактер, борбеност и пред се квалитет.
Утре е слободен ден за напите младинци, кои во петок ќе играат против Црна Гора, а во сабота во последното коло, против селекцијата на Грузија.
Посетување дека двете прво пласирани селекции од осумте групи ќе се пласираат во главната рунда, а останатите ќе разигруваат за пласман од 17 до 32 место.