Манчестер Сити, ги доби сите дозволи од градот за реновирање на стадионот во вредност од 300 милиони фунти.

Проширувањето на стадионот „Етихад“, ќе го зголемило капацитет на речиси 62.000 седишта.

Плановите за проширување на Северната трибина вклучуваат изградба на хотел со 400 кревети, ТВ студио и атракција за пешачење на покривот, како и фан зона за најмногу 3.000 луѓе.

Агентот на проектот Џон Купер, ветил дека проектот ќе обезбеди „област од светска класа за спортска забава и одмор“, што ќе донесе економски придобивки за градот.

Проектот треба да донесе 70 милиони фунти во економијата на Манчестер секоја година. Воедно ќе бидат отворени 1.795 нови работни места со полно работно време и над 3.000 вкупно, вклучувајќи скратено работно време.

Според плановите, капацитетот би се зголемил за 7.900 седишта, со што вкупниот капацитет би бил 61.968 седишта.

Сегашната клупска продавница ќе биде урната и ќе се изгради осумкатница со нова продавница, билетарница и музеј, што ќе понуди „интерактивно место за искуство на посетителите“ на ниво 3.

Горните катови би се користеле како работен простор за мали бизниси и новоформирани претпријатија. Би се изградил и хотел од девет ката со 391 спална соба и 10 апартмани.

Работите ќе се одвиваат етапно. Завршувањето на трибината според планот треба да заврши пред почетокот на сезоната 2025/26, а останатите работи до летото 2027 година.