Маратонскиот пливач Евгениј Поп Ацев не успеа да стане четвртиот Македонец кои успеал да го преплива каналот Ла Mанш.
„Ладната вода ме победи“, напиша на својот Фејсбук профил Евгениј.
Во својата емотивна објава Поп Ацев како да најавува повлекување!?
„Денес пробав да го испливам Каналот Ла Mанш и не успеав. Иако последниве години имав проблеми со пливањето и со здравјето сепак се надевав дека ќе соберам сила и ќе можам. Имав голема желба и сила и добро пливав но ладната вода ме победи т.е. го победи моето тело кое отсекогаш лошо се справувало со ладна вода . Иако разочарувањето е големо и ќе ми треба подолг период да го пребродам овој неуспех сепак сум среќен што пробав и собрав уште едно искуство (макар и лошо) и што ќе можам дома да се вратам жив и здрав. Многу сум благодарен на жена ми Алана на Капетанот и тимот на бродот за големата помош и за брзата и правилна реакција за да не се случи нешто пострашно. Исто така огромна благодарност до мојата фамилија, блиските и цела Македонија кои отсекогаш ме поддржувале и храбреле поготово во вакви тешки моменти. Тешки две години беа ова за мене што се однесува на пливањето и мислам дека ова најтешкиот момент, но и можеби најсилен знак. Премногу го сакам овој спорт и тешко ми е да се отргнам од него па некако ги игнорирав сите знаци и совети и повеќе го слушав срцето наместо телото и разумот да продолжам. Имам толку убави спомени, успеси, емоции ,искуства и познанства, и тоа се додека ја претставував својата земја на светско ниво. Тоа е најголема чест и задоволство за еден човек и е најголемата убавина на спортот. За тоа ќе сум вечно среќен и задоволен што ја имам доживеано таа убавина без разлика што ќе донесе следниот ден“.
Евгениј не успеа да го повтори успехот на неговите претходници, Атина Бојаџи, Нико Нестор, Томи Стефановски. Но, Поп Ацев секако е вбројува меѓу најдобрите македонски пливачи во историјата.