Во одлична атмосфера и преполна салата во СРЦ „Кале“, младата репрезентација на Македонија за кошаркари до 21 година избори полуфинале на ЕП ,,Б дивизија“, што се игра во Скопје.

Македонија славеше убедливо над Велика Британија со 66:49 и не дозволи никакво изненадување, туку само го потврди квалитетот и улогата на фаворит во овој натпревар.

Почнавме во висок ритам и силно темпо кое гостинските кошаркари не можеа да го следат. Повторно одлично функционираше одбраната и на овој меч, а тоа говори и фактот што на Британците им дозволивме само 21 поен во првото полувреме (32:21).

Во вториот дел гостите се вратија за момент во мечот кога намалија на (40:35). Но успеавме да го одбраниме тој напад на Британците.

Со пет поени во серија, се вративме на солидна разлика, од девет поени (45:36) со кои ја затворивме таа „сиромашна“ четвртина.

Во онаа која се води и како одлучувачка, не ги повторивме истите грешки. Имавме и далеку подобар напад, го држевме противникот на „дистанца“.

Во средина на последниот период, Македонија имаше сигурни (57:46), кога поентираше Наков. На три минути пред крајот, бевме уште „подалеку“ (64:49) и во полуфиналето на шампионатот.

Таму ќе не чека подобриот од средбата Украина-Холандија, која стартува од 21.часот, исто така во СРЦ „Кале“.

РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ – ЧЕТВРТФИНАЛЕ
МАКЕДОНИЈА – Велика Британија 66:49
Португалија – Чешка 57:73
21.00: Холандија – Украина (СРЦ „Кале“)
21.00: Швајцарија – Шведска (СЦ „Борис Трајковски“)

Погледнете ги најинтересните моменти од натпреварот