Младинската македонска репрезентација за кошаркари до 20 години ја оствари првата победа во Б дивизијата на Европското првенство што се одржува во Скопје.
Во натпревар одигран попладнево во СЦ Кале, а во рамките од 2.коло на а групата, Македонија ја победи Словачка сo 81-64.
Одлична игра пред се во одбраната на нашите младинци. Ги сопреа Словаците на 13, односно 16 поени во првите две четвртини. Имаа црвено-жолтите и најголеми +15, а на паузата меѓу двете полувремиња заминаа со предност од 13 поени (41-29).
Во вториот дел. Добрата игра во одбраната им ги донесе и најголемите +25 (76-51) на македонскиве репрезентативци, кои не ја повторија вчерашната грешка со Чепка, па на крајот славеа победа над Словаците со конечни 81-64.
Најефикасен во нашата селекција беше Теодор Симиќ кој постигна 16, а двоцифрен уште беше и Андреј Шошкиќ кој додаде 12 поени. Резултатот му овозможи на нашиот селектор да им даде минутажа на сите 12-играчи, а единствен кој не се впиша во листата на стрелци беше Тома Стојановски.
Ова беше важна победа за Македонските младинци кои се во трка за едно од двете места што водат во разигрувањето.
Следите два дена македонските младинци ќе ги искористат за одмор и анализа, по што ќе следува можеби клучниот меч против Бугарија, која вечерва игра против Чешка.
Следниот натпревар, Македонија ќе го одигра во вторник од 18.30 часот.