Фудбалскиот клуб Баерн информира дека започнал со реконструкција на стадионот и поставување на хибридна подлога на теренот, која ќе биде завршена до стартот на новата сезона во Бундес лигата.

Во соопштението на шампионот во Бундеслигата, се наведува дека новата подлога ќе содржи мешавина од природна и вештачка трева.

„Тоа е тепих кој веќе содржи синтетички влакна. Помеѓу се сее природна трева, која ги комбинира предностите на природното со квалитетот на хибридниот терен. Ќе биде на уште повисоко ниво и затоа полесен за играње”,
рече директорот на стадионот во Минхен, Јирген Мут .

Капацитетот на стадионот останува на 75.000 гледачи, а од Баерн најавија дека реновирањето се врши од безбедносни причини по препорака на локалните власти.

„Се беше разговарано и договорено со работната група за дијалог со навивачите“,
се додава во соопштението.

Новата сезона во Бундеслигата започнува на 18 август и до тогаш работите ќе бидат завршени.

Стадионот во Минхен ќе биде домаќин на шест натпревари на Европското првенство кое ќе се одржи следната година. Исто така, на овој стадион ќе се игра и финалето на Лигата на шампионите во 2025 година.