Голем резултат постигна македонскиот атлетичар Андреас Трајковски, кој победи во дисциплината скок во далечина на Европското првенство за репрезентации (дивизија 3) што се одржува во полскиот град Силесиа. Тој во вториот обид оствари скок од 7.73 метри за триумф во оваа дисциплина.
Многу сум среќен со денешната победа. Ова беше мое прво учество за Македонија на Европското тимско првенство и имав големи цели за ова првенство. Со скокот од 7.73 метри во раните утрински часови, (невообичаено време за натпревар) ми дава голема самодоверба пред следните натпревари, како Државното првенство на Македонија и Балканијадата. Се чувствувам одлично и среќен што ја претставив Македонија во најдобро светло и што донесов успех со освојувањето на првото место во скок во далечина. Среќен сум што бев и дел од штафетата на 4х100 метри која денес го собори рекордот на Македонија во оваа дисциплина, изјави Андреас Трајковски.
Инаку, победа за Македонија на Европско првенство за репрезентации оствари и Дрита Ислами, во Кипар пред две години.