Екипата на битолски Пелистер и наредната сезона останува во Втората фудбалска лига, откако неодамна завршена пелистерци не се вброија меѓу трите тима кои обезбедија настап во прволигашката конкуренција (Воска спорт, Гостивар и Вардар преку баражот).
Во таборот на зелено-белите веќе е започната „реконструкција“ па нов предводник ќе биде Влатко Костов .
Но, што со играчкиот кадар?
Доскорешниот капитен Христијан Драгарски, по се изгледа не е во плановите на раководството за следната сезона!? Тој на својот Фејсбук профил, огорчено и се обрати на битолската јавност, сметајќи дека не заслужува да слуша „чаршиски муабети“ да дознае дека на него во иднина клубот нема да смета.
Во продолжение реакцијата на Драгарски.
Како доскорешен и долгогодишен капитен на Пелистер, сакам да им се заблагодарам на навивачите кои секаде беа со нас и веруваа во нас повеќе од било кој друг, но и на соиграчите со кои делевме добро и лошо.”
,,На Пелистер местото му е во ПМФЛ и тоа е факт, но пред да се почне вината да се бара во другиот, најдобро е секој себеси да се запраша дали доволно се вложил за целите кои Пелистер, за жал оваа сезона не ги оствари.”
,,Мислам дека е срамно и понижувачки како долгогодишен капитен, судбината за мене да ја слушнам од битолската чаршија, а за потоа преку спортскиот директор, клубот пред мојот дом да ми ја соопшти одлуката дека не рачунаат на мене, едноставно на улица, ЖАЛНО.”
,,Со овие одлуки на клубот и барањето на виновници во поединци паѓаат во вода ветувањата на управата дека во целата приказна сме сите заедно, односно сите заедно ќе си заминеме во случај на неуспех, односно сите заедно ќе се радуваме во случај на успех. Вака, триесет годишното сценарио во битолскиот фудбал продолжува, односно секогаш вината е кај фудбалерите и тренерите, а управите се тие кои се преставуваат како “вечни” односно лажни спасители.”
,,Спремен сум на било какво соочување со било кој, било каде, кога Пелистер се сака со чисто срце и мисла, сите останати кафански муабети паѓаат во вода.”
,,Почитувам секаква одлука, мојот договор истекува заклучно со 15.06, но потикнат од чаршиските муабети и покажување на ‘сила’ во јавноста, цитирам: ,,ИЗБРКАН”, мислам дека е срамно и жално за клуб со реноме и историја како Пелистер.”
,,Никогаш збогум, само довидување. Само еден тим, само Пелистер.”