Триумфот над Белгија со многу позитивни детали во нашата игра, како и досегашниот биланс во групата „Б“ од Европската Златна лига, го наметнува мислењето дека македонските одбојкари ја презедоа фаворитската улога во денешниот натпревар против Хрватска.

Во континенталната елита и против кој било противник со повисок рејтинг, тешко се докажува напишаното на хартија, така што од националниот состав повторно се бара вистински пристап, а тоа е максимална подготовка, дисциплина на теренот и борба.

Македонија одигра два рамноправни сета со Украина, а ја совлада Белгија, за разлика од Хрватска која на гости кај истите ривали двапати беше поразена со 3:0.

Билансот со „коцкестите„ е 2:2. Последниот дуел одигран во полуфиналето на Сребрена лига пред две години во Струмица, напите одбојкари по голема борба го добија со 3:2.

Претходно, исто така во полуфинале на завршен турнир од Европската сребрена лига, Хрватите беа подобри во „Кале“ со 3:2 , а во септември 2012-та, во квалификациите за ЕП секој победуваше пред своја публика.

Како ќе биде сега и кој ќе стигне до третата победа во меѓусебните дуели ќе видиме вечерва по мечот што ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток од 20 часот и 15 минути, на кој македонските одбојкари очекуваат голема поддршка, особено што влезот на натпреварот е слободен.