Екипата на Њукасл избори пласман во Лигата на шампионите за следната сезона и со тоа стави круна на одличната сезона и пласманот во ТОП4 од Премиер лигата. Во натпреварот од 37.то претпоследно коло Њукасл на својот стадион „Сент Џејмс Парк“ одигра нерешено 0:0 со екипата на Лестер, која пак ги задржа шансите за опстанок со освоениот бод.

Од голема помош за Њукасл беше нерешениот резултат (1:1) на Ливерпул во саботата против Астон Вила.

Домашниот тим имаше иницијатива и во неколку наврати неговите играчи ја погодуваа стативата од голот на Лестер, но сепак голманот на Њукасл Ник Поуп е најзаслужен за нерешениот резултат откако во 90.минута го одбрани ударот на Тимоти Кастањ. Со тоа резултатот остана почетниот, Њукасл обезбеди Лига на шампиони, а Лестер остана без три бода кои можеа да значат и сигурен опстанок за нив.

Њукасл има 70 бодови и е на третото место, пред Манчестер Јунајтед со 69 (натпревар помалку со Челзи во четврток), додека шампионот Манчестер Сити има 88 бодови, а втор е Арсенал со 81.

Во борбата за опстанок Евертон има 33 бодови, Лестер 31, Лидс 31, а Саутемптон со 24 веќе е испаднат. Сите три екипи кои се борат за опстанок (Евертон, Лестер и Лидс) во последното коло се домаќини, а само една ќе избори опстанок во лигата. Евертон го пречекува Бурнемут, Лестер е домаќин на Вест Хем, додека кај Лидс ќе гостува Тотенхем.