Македонија Ѓорче Петров и Струга Трим Лум, денес на тренинг центарот Петар Милошевски во 17 часот ќе го одиграат јубилејно 30-то финале од фудбалскиот Куп на Македонија.

Македонија Ѓорче Петров е бранител на трофејот, откако минатата сезона славеше по изведување на пенали против Силекс. Ѓорчепетровци имаат одиграно 4 финалиња, а на две од нив успевале да слават. Со ова финале тие стигнуваат до бројот 5 и им се приклучуваат на Пелистер, Силекс и Шкендија кои имаат исто така 5 финалиња. Пред нив се Вардар со, Работнички со 7 и на врвот со 8 финалиња е екипата на Слога Југомагнат. Екипата на Македонија Ѓ.П. со евентуален триумф во големото финале ќе обезбеди и европско лето, значи за нив овој натпревар има двојно значење и мотивацијата е на големо ниво.

Струга Трим Лум го игра своето прво куп финале. По освоената титула во првенството, стружани сакаат да испишат историја и да стигнат до двојната круна. Оваа сезона е за нив историска поради првата титула и поради првото куп финале. Мотивацијата е на високо ниво исто како и кај нивниот противник. Според позицијата на табелата Струга може да се смета за фаворит, но од друга страна во оваа сезона тие не успеале ниту еднаш да слават во дуелите со Македонија Ѓорче Петров.

Нас ни преостанува да уживаме во големото финале, да гледаме надмудрување од двајцата стратези и се разбира подобриот нека победи.

***ОСВОЕНИ КУП ТИТУЛИ***
5 ВАРДАР
4 РАБОТНИЧКИ
3 СИЛЕКС, СЛОГА ЈУГОМАГНАТ
2 МАКЕДОНИЈА ЃП, ПЕЛИСТЕР, ШКЕНДИЈА, ТЕТЕКС
1 АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ, БАШКИМИ, ЦЕМЕНТАРНИЦА 55, МЕТАЛУРГ, ПОБЕДА, РЕНОВА

Филип Василевски