Екипата на Пелистер е вториот финалист во кошаркарскиот шампионат на Македонија. Битолскиот клуб со триумфот над ТФТ 84-82 ја доби полуфиналната серија со 2:0 во победи и со тоа повторно како и лани се избори за финале во кое ќе го предизвика актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром.
Избраниците на Марјан Илиевски го добија првиот период со 7 разлика (34-27), а вториот им припадна на домашните кошаркари со +2 (18:16), па на големата пауза се замина со пет поени предност на Пелистер.
Во второто полувреме, двата тима имаа свои добри и лоши периоди на игра, по кои Пелистер во последната четвртина влезе со позитива од три поени (68-65). ТФТ со серија тројки успеа и да го преземе водството, но немаа сили избраниците на Смилковски докрај да го заокружат пресвртот, па Пелистер во неизвесна завршница славеше со 84-82.
Македонскиот репрезентативец Андреј Масликнко одигра уште еден брилијантен натпревар. Екс-кошаркарот на ТФТ сега за победничката екипа на Пелистер реализира дабл-дабл со 23 поени и 11 скока, додека Карпентер заврши 20 поени, а Краудерс на 17-те поени придодаде 7 скокови и 6 асистенции.
Така, во реприза на минатогодишното финале Пелистер повторно ќе го предизвика актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром кој во полуфиналето во два натпревари го доби вечниот ривал Работнички.
Според календарот, финалето што ќе се игра во три добиени натпревари ќе започне на 27 мај, предноста на домашниот терен ќе ја имаат аеродромци кои првите два натпревари ќе ги играат во СЦ „јане Сандански“ (се игра по принципот 2-2-1 | дома-гости-дома).