Бобан Бабунски повеќе не е тренер на ФК Пелистер.
Ова премалку го соопштија од битолскиот клуб на својата Фејсбук страна, во кое се наведува дека, прекинот на соработката се должи на неуспехот Пелистер да се врати во Првата лига.
„ФК Пелистер ја известува јавноста дека со завршувањето на Втората фудбалска лига официјално заврши договорот на шефот на стручниот штаб Бобан Бабунски. Со оглед на неисполнувањето на целта, промоција во Првата лига, патиштата на клубот и Бабунски се разидуваат. ФК Пелистер му се заблагодарува на Бабунски за неговата работа, професионалност и посветеност и му посакува многу успех во понатамошната кариера. Клубот во наредниот период ќе го објави новиот шеф на стручниот штаб за сезоната 2023/24“, стои во соопштението на Пелистер.
Бабунски во Битола дојде од прилепска Победа каде ја започна сезоната, за во вториот дел да го преземе битолскиот клуб.
Сепак, и под негово водство Пелистер не успеа да се вброи меѓу екипите кои следната сезона ќе играат во Првата лига, а тоа се Воска спорт и Гостивар, а сеуште шанси за тоа има и Вардар кој во недела ќе го одигра баражот со Скопје.
Пелистер сезоната ја заврши зад оваа тројка, на четвртото место на табелата.