Освен што го донесе Уникс до историскиот пехар во ВТБ лигата, македонскиот репрезентативец доби уште едно големо, индивидуално признание во вечерта која сигурно ќе ја памети целиот свој живот.
Ненад Димитријевиќ постави личен рекорд во својата прва сезона во ова силно натпреварување. За 34 минути во игра, постигна исто толку поени, и повеќе од доволно, репрезентативниот бек на Македонија да биде прогласен за најкорисен кошаркар во плеј-офот на ВТБ лига.
„Јас им благодарам на сите за вербата во мене, од тренерите, клубот, соиграчите. Ова беше прекрасна сезона за мене и моето семејство во Казан. Без нив немаше да бидам ни МВП. Овој петти меч, не можеше да не го добиеме после ваква атмосфера. Локомотив добро се бореше, имаат одличен тим, ни направија многу проблеми, се бореа до крај во секој од петте меча. Но, ние сме за нијанса подобри и заслужено сме шампиони“
рече Димитриjевиќ откако го доби најголемото индивидуално признание во својата досегашна кариера.
Севкупно гледано, вклучително и оној регуларен дел од сезоната, македонскиот кошаркар одигра 47. Натпревари, кои ги затвори со просечни 12.1 поени и 5.5 асистенции.