Шампионот на Бундес лигата и трикратен европски првак Магдбург е првиот полуфиналист и учесник на Ф4 во Келн оваа година. Во неизвесен натпревар во реванш четвртфиналето од ЛШ Магдебург на домашен терен го совлада полскиот тим Висла Плоцк со 30:28 (13:13). Првиот дуел заврши без победник 22:22.
Нијанси го решија победникот и учесникот на завршниот турнир. Натпреварот беше со нерешен резултат дури 21 пат, со тоа што до 20:20, ниту една екипа немаше поголема предност од еден гол. Во 44.минута Магдебург поведе со 22:20, но десет минути подоцна гостите од Полска изедначија на 26:26. Сепак ракометарите на Бундес првакот уште еднаш направија серија од 3-0 за 29:26 во 58.минута што се покажа решавачко. Во овој дел од натпреварот голманот на Магдебург Мајк Јенсен имаше три од своите 10 одбрани во текот на натпреварот.
Најефикасен и најдобар играч на дуелот беше Кај Смитс со 14 голови, додека кај Висла Сергеј Косоротов постигна 8 голови.
Вечерва се игра дуелот ПСЖ – Кил (31:27 прв натпревар), додека утре на програмата се дуелите: Барселона – ГОГ (37:30) и Киелце – Веспрем (29:29).
„Фајнл фор“ турнирот се игра во „Ланксес Арена“ во Келн на 17 и 18.јуни.