Кошаркарите на Голден Стејт ги победија Лејкерси во 5-тиот натпревар од „пеколната серија“ и ја намалија разликата на 3:2. Во текот на целата средба тимот од Лос Анџелес беше во подредена положба, а надежите за пресврт на „езерата“ дефинитивно беа згаснати по повредата на Ентони Дејвис на крајот од натпреварот.

Имено, центарот на Лејкерси доживеа удар во главата по сударот со Кевон Луни под кошот. Тој беше удрен во пределот на слепоочницата од кошаркарот на Голден Стејт, а ударот беше толку силен што Дејвис мораше да оди на клупата за резерви, а потоа во инвалидска количка беше изведен надвор од салата.

“Сите видоа дека доби силен удар во главата. Ја проверивме неговата состојба и ми се чини дека сега е добро. Тоа морам да го кажам засега, таков е неговиот статус”, изјави по натпреварот тренерот на Лејкерс, Дарвин Хам. 

Во американските медиуми кружат приказни дека Дејвис доживеал лесна форма на потрес на мозокот, но не сите го делат истото мислење. Легендите на НБА, Чарлс Баркли и Шекил О’Нил, кои со години работат како аналитичари за телевизијата ТНТ, пукнаа од смеење кога водителот на програмата Ерни Џонсон изјавил дека центарот на Лејкерс бил однесен на преглед во инвалидска количка, а како изгледало сето тоа погледнете во прилог подолу.

Шестиот натпревар од серијата меѓу Голден Стејт и ЛА Лакерс ќе се одигра во „Крипто Ком“ арената во раните утрински часови (04:00 часот).