Македонската тенисерка Магдалена Стоилковска го заврши настапот на фјучрс турнирот во Куршумлијска Бања откако во мечот од второто коло денеска загуби од првата носителка Михаела Лаки од Грција со 2-0 во сетови (6:4 и 7:5) за еден час и 48 минути игра.
Првиот сет го освои Лаки со 6:4 во гемови пред се поради добриот старт во мечот и водството од 4:0, сепак Стоилковска ја врати неизвесноста откако намали на 5:3 но немаше сили за пресврт. Во вториот сет повторно ривалката имаше прва „брејк“ и водство од 4:2, но македонската тенисерка успеа со серија од 3-0 да поведе со 5:4. Но, само за кратко бидејќи Гркињата Лаки со три гема во низа го доби сетот со 7:5.
Стоилковска покажува дека е во добра форма особено што во јуни месец во Скопје ќе се играат мечевите од Били Џин Кинг купот. На два од последните три турнири во Куршулијска Бања македонската тенисерка по успешно минатите квалификации стигнува до второто коло и освојува по еден бод. Стоилковска е пријавена и за следниот турнир што се игра за награден фонд од 25.000 долари, каде е пријавена и Лина Ѓорчекса.