Секој дуел меѓу Милан и Интер е исполнет со возбудувања, а вечерашниот во полуфиналето од Лигата на шампионите ќе биде нешто посебно.
Ова е поентата на главниот стратег на Милан, Стефано Пиоли кој очекува неизвесен натпревар во дербито против вечниот ривал Интер.
„На тимот никогаш не му недостигал победничкиот дух, но тоа не е доволно ако немаме квалитет. Натпреварот ќе биде тежок, но и забавен. Мораме да сфатиме дека нé очекуваат најмалку 180 минути. Ние сме во добра форма во Лигата на Шампионите и тоа ќе го искористиме со цел да бидеме еден чекор поблиску до големото финале, што ќе биде одлично чувство. Очекуваме атмосферата на „Сан Сиро“ да биде полна со енергија. Нашите фанови ќе не водат од почеток до крај“, изјави стратегот на Милан.
Во 21 часот на легендарниот „Сан Сиро“ фудбалските гурмани ги очекува фантастичен натпревар полн со енергија и емоции.