Екипите на Маџари и Тетекс направија голем исчекор кон пласман во Втората кошаркарска лига. Двата тима славеа победи и тоа на гостински терен, и поведоа со 1:0 во победи во полуфиналните дуели со Мега Баскет и Фаникс Баскет.
Предводени од ветераните, Тасовски и Михајлоски, Маџари и Тетекс славеа „тесни“ победи со четири односно пет поени разлика.
На Маџари му беа потребни и дополнителни пет минути да слави на гостувањето во Прилеп кај Мега Баскет откако регуларниот дел заврши нерешено 75-75, а во продолжението поуспешни беа гостите од Скопје. Диме Тасовски беше најефикасен на натпреварот со 24 поени, два повеќе од Влаховиќ, додека за прилепчани капитенот Стевананџија постигна 23.
Во Скопје, предводени од искусниот Михајлоски кој реализираше 20 поени и Ѓорчевски кој додаде 17, тимот на Тетекс славеше во дуелот со Феникс Баскет во кој Димевски со 17 и Крстевски со 16 поени беа најефикасни.
ПЛЕЈ-ОФ ПОЛУФИНАЛЕ (прв натпревар)
Мега баскет – Маџари ГБ 79:83 (0-1)
Феникс баскет – Тетекс ТТК 63:68 (0-1)
Реванш натпреварите ќе се играат во среда-четврток, а евентуалните мајсторки на програмата се претстојниот викенд.
Екипите што ќе остварат две победи, следната сезона ќе играат во Втората лига.