Јошко Миленковски повторно е онаму каде што припаѓа, на кормилото на македонската одбојкарска репрезентација. Најуспешниот македонски тренер попладнево и официјално беше промовиран во нов селектор на Македонија.
„По 15 години се враќам на селекторската позиција, откако имав долго време разговори со раководство на федерацијата. Мојата цел е да го продолжам рејтингот кој Македонија го градеше изминативе години. Првата цел е да го поминеме ова лето со колку што може подобри резултати, а за понатаму идејата е да работиме на создавање и едукација на тренери, создавање школа на одбојка и создавање нова генерација одбојкари“, ги открива плановите Миленковски.
Миленковски го очекува голем предизвик имајќи во предвид дека покрај настапот во Европската лига, македонските одбојкари ќе играат и на Европскиот шампионат чиј ко-домаќин ќе биде Скопје.
„За резултатите и очекувањата ќе зборуваме кога ќе заврши Европската лига и кога ќе направиме анализа. Натпреварите во ова натпреварување ќе ни бидат еден вид подготовка за Европското првенство. Засега со ОФМ сме договорени за овој циклус, по Европското првенство повторно ќе седнеме и ќе видиме како понатаму“, децидно одговори Миленковски.
За што подобро да се подготват за овие натпреварувања, одбојкарите веќе утре заминуваат за Маврово каде ќе одработат едно неделни подготовки, а Миленковски веќе повика 20-мина одбојкари.
На списокот се: Никола и Ѓорѓи Ѓорѓиев, Владо Милев, Филип Деспотовски, Славе Наков, Александар Љафтов, Стојче Арсов, Филип Лепидовски, Давид Стојанов, Стефан Алексов, Ангел Бошков, Филип Маџунков, Стојан Илиев, Иван Андонов, Ефтим Ричлиев, Васе Михаилов, Костадин Ричлиев, Дарко Ангеловски, и Филип Савовски.
Во стручниот штаб на Миленковски се, Хари Наковски, Атанас Милев и Хабил Ајети.
Противници на „црвено-жолтите“ во групата од Европската лига се Украина, Белгија и Хрватска, а натпреварите почнуваат на 27 мај.