Во Првата македонска фудбалска лига денес со почеток од 16 часот, ќе се одиграат четири натпревари од 30-тото коло.

Струга Трим Лум и Шкупи ги очекуваат тешки гостувања во Штип, односно во Кратово, Тиквеш на домашен терен ќе ја бара првата победа во оваа полусезона, а во Прилеп ќе се одигра дуелот помеѓу двете последно пласирани екипи, Победа и Скопје.

За екипата на Победа можеби ова ќе биде последната шанса за да го избегне последното место и да обезбеди бараж. Скопје со победа ќе обезбеди бараж, но математички ќе биде во игра и за сигурен опстанок. Останува да видиме дали прилепчани ќе го фатат последниот воз за надеж дека и следната сезона ќе имаат прволигашки статус.

Со вчерашната победа на Шкендија, притисокот е префрлен кај Струга Трим Лум за да ја одржи разликата и да го зачува првото место. Брегалница иако е без победа на последните три натпревари, на домашен терен секогаш знае да одигра на високо ниво, а тоа се очекува и на денешниот натпревар.

Силекс заостанува пет бода позад Шкупи, па ова за нив е одлична шанса да се приближат само на два, а од друга страна чаирчани не смеат да губат бодови ако сакаат да останат во игра за одбрана на титулата. Знаеме дека Силекс оваа сезона играат доста добро и мотивирано особено на домашен терен и од тука можеме да очекуваме доста интересен и возбудлив натпревар.

Екипите на Тиквеш и Работнички се изедначени на табелата со по 31 поен. Кавадарчани очајно ја бараат првата победа во втората полусезона, додека Работнички после две победи со ред ќе атакува и на трета.

ПРВА ЛИГА 30.КОЛО (16 часот)
НЕДЕЛА
СИЛЕКС – ШКУПИ
БРЕГАЛНИЦА – СТРУГА Т.Л.
ТИКВЕШ – РАБОТНИЧКИ
ПОБЕДА – СКОПЈЕ
САБОТА
ШКЕДНИЈА – МАКЕДОНИЈА Ѓ.П. – 3-1
Слободна е екипата на Академија Пандев

ТАБЕЛА
1 СТРУГА 56 бодови
2 ШКЕНДИЈА 54
3 ШКУПИ 49
4 СИЛЕКС 44
5 БРЕГАЛНИЦА 37
6 МАКЕДОНИЈА ЃП 36
7 ТИКВЕШ 31
8 РАБОТНИЧКИ 31
9 АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 26
10 СКОПЈЕ 19
11 ПОБЕДА 13

Филип Василевски