Дербито на 31.коло од италијанската Серија А меѓу Наполи и Јувентус им припадна на избраниците на Лучано Спалети, кои во третата минута од продолжението (90+3) ја совладаа „старата дама“ со 1:0. Голот беше постигнат по одличната асистенција на македонскиот репрезентативец Ељиф Елмас.
Мирното прво полувреме на „Алијанц“ стадионот во Торино со тактичко надмудрување и мал број на прилики за погодок заврши 0:0.
Темпото во второто полувреме беше за нијанса подобро. По влегувањето во игра на нашиот репрезентативец Елиф Елмас во 68-та минута, екипата на Наполи имаше одлична прилика за погодок преку Виктор Осимен, кој ја погоди десната статива од голот.
Во 84-та минута од натпреварот Анхел ди Марија постигна гол за водство на Јувентус, но поради фаул на почетокот од акцијата, голот беше поништен (откако беше побаран помош од ВАР собата).
Во третата минута од судиското надополнување (90+3), прекрасната асистенција на Елмас во гол ја претвори Џакомо Распадори и и донесе победа на својата екипа.
„Наполитанците“ остануваат на само две победи од титулата во Серија А со 78 освоени бодови на седум кола пред крајот, додека Јувентус по враќањето на бодовите и трите порази во серија е на третата позиција со 59 бодови два помалку од вториот Лацио.