Возбудлив и драматичен натпревар од четвртфиналето од Втората лига одиграа кошаркарите на Вардар и на МЗТ УБ, а на крајот се радуваа „црвено-црните“ кои победија со 75:74 и поведоа во серијата со 1-0. Неизвесен натпревар одиграа во Штип домашниот тим Соколи и МКК Куманово, а на крајот се радуваа домашните кои победија со 74:71.
Дуелот „под Кале“ Вардар го почна подобро и водеше со 10:2, но гостинската екипа до крајот на првиот дел успеа да го намали и двоцифреното водство на противникот. Многу поодговорната игра на МЗТ УБ во втората четвртина резултираше и со водство од 29:30 во 15.минута, но Вардар на полувреме успеа да стигне до изедначување 38:38. Повторно Вардар подобро го почна и второто полувреме и по четири минути игра избраниците на Александар Јованчев водеа со 51:38. Сепак, ниту ова не ги поколеба гостите кои откако промашија неколку тројки на почетокот од третиот период почнаа да ги реализираат нападите . Во 35.минута резултатот гласеше 62:62. Во драматичната завршница капитенот на Вардар Ивановиќ погоди едно од двете слободни фрлања за водство од 75:74, додека МЗТ УБ преку капитенот Спасовски не го реализираа последниот напад. Најдобар играч на натпреварот беше Блажо Митков со 29 поени, а имаше и двоцифрен број скокови.
Неизвесно беше и во Штип каде Соколи 1933 имаа постојано водство против МКК Куманово, но тоа не беше изразено со поголема разлика.Во последната четвртина гостите од Куманово имаа водство од 68:66, но на крајот домашниот тим се радуваше на победа и предноста од 1-0 во четвртфиналната серија.