НБА лигата започна со објавување на добитниците на индивидуалните награди за сезоната 2022/23 и го прогласи крилниот-центар на Мемфис „Гризлис“, Џерен Џексон Јуниор најдобар одбранбен играч.
Второто место во изборот му припадна на центарот на Милвоки Бакс, Брук Лопез, а на третото крилниот центар на Кливленд Кавалирс, Еван Мобли.
Џексон минатата сезона беше петти во изборот, но годинава доби 56 од можни 100 гласови за прво место и вкупно 391 поен. Лопез не заостануваше со 31 прво место и вкупно 309 поени, додека Мобли собра 101 поен.
Оваа сезона Џексон ја заврши како најдобар блокер во НБА со просек од 3,0 по натпревар. Тој им дозволи на противниците да шутираат само 46,9%, што е најдобра изведба меѓу сите играчи кои одбраниле 300 или повеќе обиди. Неговата одбрана беше клучот за одличната сезона на Мемфис, во која завршија втори на Западот.
Кој ќе биде МВП?
НБА во наредните денови ќе ги објави и добитниците на преостанатите поединечни награди: дебитант на годината, тренер на годината, играч со најголем напредок, најдобар шести играч, и се разбира, МВП (најкорисен играч).
За највредна титула во конкуренција се Никола Јокиќ, кој го освои ова признание изминативе две години, Јанис Антетокунмпо, кој го освои две години пред Србинот и Џоел Ембиид, кој беше втор во изборот пред две години.