Екипата на ГОК Борец ќе биде противник на Струмица во финалето на одбојкарскиот шампионат на Македонија во машка конкуренција.

Ова е исходот по одиграната мајсторка, односно трет натпревар во полуфиналната серија со Шкендија вечерва во Тетово.

Домаќините стартуваа одлично го добија првиот сет со само 12 избубедни поени 25-12, а во вториот беа подобри со 25-22.

Гостите од Велес не се предадоа. Напротив, заиграа многу подобро, со повеќе комбинации па следите два сета ги решија во своја полза со 25-22 и 25-20 за израмнување на 2:2 во сетови.

Во решавачкиот петти сет, велешани продолжија во ист стил и го добија и тајбрејкот со 15-10 за конечни 3:2 во сетови и пласман во финалето.

Во него ГОК Борец ќе го предизвика актуелниот шампион Струмица Никоб екипа против која пред 20-тина дена играше, во финалето во Купот во кое загуби.

Финалната серија ќе стартува во среда или четврток, а ќе се игра во три добиени натпревари.