Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром ја постигнаа првата гостинска победа во АБА лигата откако на гостување го совладаа Сплит со 77:74 (20:24; 19:7; 20:24 и 18:19). Со овој триумф и со победа во последното коло на домашен терен против Цибона и со два пораза на директниот конкурент Борац Чачак од Црвена Звезда и Будуќност во последните две кола „металците“ ќе имаат шанси за опстанок во АБА лигата.
Македонскиот првак добро го почна дуелот и имаше водство до самиот финиш на првата четвртина, кога сепак домашниот тим успеа да реализира неколку напади и да поведе со 24:20. Решавачка за победата беше втората четвртина кога македонскиот тим прими само 7 поени и повторно го презеде водството. Во првото полувреме домашниот тим имаше очаен шут за три поени, со само една погодена „тројка“. На полувреме беше 39:31 за МЗТ Скопје А.
Во второто полувреме македонскиот тим имаше постојано водство, единствено Сплит во 31.минута се доближи на -1 (58:59). Сепак со смирена игра „аеродромци“ го задржаа водството и ја „запишаа“ прва гостинска победа во АБА лигата.
Поради позитивен тест на корона тренерот Николиќ остана во Скопје, а натпреварот го водеше неговиот помошник Васко Атанасов.
Кај МЗТ Скопје А. четири играчи имаа двоцифрен број поени: В.Стојановски 16, Д.Стојановски 13, Бурсаќ 12 и Кефи 10, а најефикасен беше Шортер од Сплит со 22.