Ветеранката, Петра Квитова е победничка на Мастерсот во Мајами.
33-годишната чешка тенисерка во финалниот меч што траеше 102 минути ја победи Елена Рибакина од Казахстан.
Иако ја имаше благата улога на фаворитка, пред се поради настапот во финалето на Австралија опен, како и триумфот на Индијан велс пред десетина дена, сепак 11-години помладата Рибакина не успеа да стигне до нов трофеј.
Голема борба се водеше во првиот сет кој Квитова го доби во тај-брејкот на поени со 16-14. Рибакина го загуби првиот свој сервис во сетот број два, па не успеа да возврати, а со вториот брејк чешката тенисерка го доби сетот со убедливи 6-2.
Така Квитова на 33 години, стана најстарата шампионка на Мајами по Серена Вилијамс во 2015 година.
За Квитова ова беше 9-та титула од серијата 1000 со што се израмни со Симона Халеп, а има една помалку од Викторија Азаренка, односно четири помалку од рекордерката Сереба Вилијамс.
Со својот 30-ти трофеј во кариерата Квитова веќе во понеделник повторно ќе се врати во ТОП 10-те тенисерки на ВТА листата.
Во машкото финале кое на програмата е утре од 19 часот, за трофејот ќе се борат Русинот, Данил Медведев и Италијанецот, Јаник Синер.