Поранешниот тренер на Динамо, Вахид Халилхоџиќ, човек кој работеше со Аријан Адеми на стартот на неговата кариера во Динамо, имаше само пофални зборови за довчерашниот капитен на сините и македонски репрезентативец.
Легендарниот стратег Вахид Халилхоџиќ за „Спортске новости“ се наврати на својата ера во Динамо и соработката со македонскиот репрезентативец, а зборуваше и за неговите лидерски способности и работната етика што го прави Адеми играч кого секој тим би посакал да го има.
„Кога станува збор за Адеми, имам само убави спомени – како човек и како играч. Кога бев во Динамо, тој беше уште млад, беше само на почетна етепа кон големата кариера.Тој е играч каков треба да го има секој тим. Адеми не е фудбалски волшебник, но со своето однесување, страста за тимот, придонесот на теренот, тој е од најголема корист. Аријан е исклучително позитивна личност, лидер во соблекувалната и на теренот. Дефинитивно, секој тим во светот би морал да има играч како Адеми. Вака го поздравувам, му посакувам да биде здрав, да игра уште добри сезони и конечно да оди во заслужена пензија“, изјави Халилхоџиќ.
Адеми и Халилхоџиќ соработуваа во првата сезона на Адеми во тимот од Загреб а тогаш младиот 19 годишен фудбалер ја доби довербата од тренерот на 19 лигашки натпревари а вкупно 31 натпревар во сите натпреварувања. Таа сезона Динамо се закити со титулата Шампион на Хрватска.
Халилхоџиќ потоа замина на селекторската позиција во Алжир а Адеми остана цели 13 сезони во Динамо, каде беше се до неделата кога го одигра својот последен натпревар.