Ветеранот Златан Ибрахимовиќ по пауза од 14 месеци повторно постигна гол и стана најстар стрелец во историјата на  Серија А, но Милан се посрамоти во Удине и загуби од домашниот тим со 3-1. 

Во супер возбудливото прво полувреме видовме буквално се, три погодоци, два пенали, црвен картон за тренерот на Удинезе и продолжение од 7 минути.
Капитенот на Удинезе, Переира во деветтата минута го отвори резултатот за голема радост на домашните навивачи.
Вистинска драма се случи во финишот на полувремето кога, судијата Даниеле Довери по реакција на ВАР технологијата досуди пенал за Милан.

Одговорноста ја презеде Ибрахимовиќ, но неговиот удар со супер интервенција го одбрани Марко Силвестри.
Сепак, судијата Довери процени дека биле прекршени правилата за влегуваењ во шеснаесетникот па одново му даде шанса на Ибрахимовиќ. Ваквата одлука го разбесни тренерот на Удинезе, Андреа Сотил, кој бурно реагираше, па заработи исклучување.

Повторениот пенал Ибрахимовиќ успеа да го реализира и по пауза од 14 месеци повторно постигна гол со што стана и најстар стрелец во историјата на Серија А.  Сепак ова не беше се што понуди првото полувреме, во шестата минута од надополнувањето, одлична асистенција на Исак до Бето, кој повторно донесе предност за Удинезе од 2-1 на полувреме.

Целосен шок за Милан приреди Кингсли Ехизибуе во 71-та минута кога по трет пат ја затресе мрежата на Мањан. Милан се обидуваше да се врати до крајот на натпреварот, но безуспешно па Удинезе дојде до голема победа.

Нашиот репрезентативец, Илија Несторовски остана на клупата за резерви и не доби шанса за настап.