Две големи грешки на арбитрите констатираше Судиска комисија, по анализата на арбитражата на натпреварите изминатиот викенд во двете фудбалски лиги.
Во Прволигашката конкуренција, првата е на натпреварот Силекс – Скопје, на кој на гостите им беше поништен чист гол, поради наводен офсајт
Проценката на Судиската комисија при ФФМ и образложението е следно
“Главен судија: Јован Качевски. Помошни судии: Давор Цветановски и Мартин Дејаноски.
23 минута: ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА НА ПРВИОТ ПОМОШЕН СУДИЈА (Досудено офсајд позиција )
Играч од екипата на гостите додаде топка до свој соиграч надвор од 16-сетникот на домаќините, во моментот на додавање соиграчот се наоѓаше позади претпоследниот играч од одбраната на домаќините, ја прими топката и постигна гол.
Погрешна одлука на првиот помошен судија, голот требаше да биде признаен, бидејќи играчот на гостите во момент на додавање на топката се наоѓаше во дозволена позиција (позади претпоследен играч на домаќините.
Во оваа ситуација, првиот помошен судија не беше добро поставен, односно не беше во линија со претпоследниот играч од одбраната на домаќините, затоа одлуката беше погрешна.
Втората пак се однесува на второлигашкиот натпревар меѓу Беласица и Саса на кој не е досуден пенал за домашниот тим.
Главен судија: Пларент Салихи Помошен судија: Дарко Јовчевски и Вјолца Изеири.
37 минута: ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (Недосуден удар од 11 метри)
Играч од екипата на домаќините беше во посед на топката во 16-сетникот на гостите и излезе сам пред голманот на гостите во очигледна шанса за гол, во моментот кога играчот го помина голманот над него беше направен прекршок (лизгачки старт на нога) од страна на голманот.
Погрешна одлука на главниот судија што досуди индиректен слободен удар (симулација) и жолт картон за играчот на домаќините, во оваа ситуација требаше да се досуди удар од 11 метри за домаќините и жолт картон за голманот на гостите.