Драган Џајиќ ќе биде новиот претседател на Фудбалскиот сојуз на Србија (ФСС), откако Немања Видиќ се повлече од трката и нема да биде дел од изборите за нов претседател на Фудбалскиот сојуз на Србија (ФСС).

Видиќ беше противкандидат на легендарниот играч на Црвена Зведа, Драган Џајиќ, но во соопштение до јавноста со кое го образложува своето повлекување од трката само ден пред изборите, Видиќ нагласи дека е свес за сите задкулесни игри кои се прават и  сите сопки кои му ги подметнале па влегување во борба која е однапред изгубена нема смисла. Токму затоа Видиќ решил да се повлече и да не учествува на изборите.

„Има големи предизвици пред нашиот фудбал. Многу работи мора и можат да бидат подобри. Мојата идеја беше и останува да соберам тим од врвни професионалци кои се способни да ги решат овие предизвици подобро од можеби било кој во Европа. За жал, на секој чекор на патот да станам претседател јасно ми беше ставено до знаење дека нема да ја добијам таа шанса“

„Дефинитивно не сум оптимист што ќе направат со можноста што ја искористија и мислам дека за четири години ќе биде уште потешко од денес. Повлекувањето на мојата кандидатура не значи дека се откажувам од српскиот фудбал. Верувам во мојот тим и нашата визија и за големата помош која ќе ја добиеме од нашите пријатели од врвот на европскиот и светскиот фудбал“, додаде Видиќ и се заблагодари за поддршката.

„Исклучително ми е драго што почувствував голема поддршка од народот. За жал, тие не одлучуваат и немаат право на глас. Сакав да се обединиме, а не да поделиме. Сакав да бидам решение, а не проблем“. – рече Видиќ

Делегатите на Собранието кое е закажано во вторник од 14:00 како опција ќе го имаат само Драган Џајиќ, а тој ужива доверба кај мнозинството.
Вреди да се напомене дека и Дарко Панчев даде јавна поддршка и учествуваше во кампањата на Драган Џајиќ.