Фаворитите во денешните натпревари од 17-тото коло во Првата мака кошаркарска лига очекувано забележаа победи.
На првата средба во Струмица екипата на Гостивар триумфот го најави уште во првата четвртина која ја доби со убедливи 15 поени разлика (28-13), што се покажа како клучно за конечниот исход, иако домашниот тим постојано се обидуваше да ја анулира негативата, но стигна само до -7.
Работнички и покрај промените во играчкиот кадар сепак и со новите засилувања е преголем „залак“ за Академија ФМП. Новелите во тимот од „Градски парк“, Малешевиќ (24 поени) и Џелатовиќ (19), заедно со Нотиџ (18) беа победничкото трио за кое домашниот тим немаше решение, па Работнички ја впиша осмата победа сезонава, нанесувајќи му го на ФМП 14-тиот пораз.
Во Кавадарци, искусниот состав на Еуро Никел не му дозволи на Феникс ниту да помисли на ново изненадување. Како ја презедоа контролата на резултатот, а во еден момент водеа и со 27 поени разлика, домаќините лесно стигнаа до 11-тиот триумф, со што ја задржаа третата позиција зад водечкиот тандем, МЗТ Скопје Аеродром и Пелистер
Поради обврски во АБА конкуренцијата, на ТФТ Моцарт и Пелистер денеска, односно утре на МЗТ Скопје Аеродром, останатите три средби ќе се играат во вторник и среда.
ПРВА ЛИГА МАЖИ – 17.КОЛО
ДЕНЕСКА
СТРУМИЦА – ГОСТИВАР 72 – 79
АКАДЕМИЈА ФМП – РАБОТНИЧКИ 77 – 90
ЕУРО НИКЕЛ – ФЕНИКС 78 – 69
ВТОРНИК
КОЖУВ – ТФТ 18:00 часот
КУМАНОВО – МЗТ СКОПЈЕ А. 19:00 часот
СРЕДА
ЧАИР – ПЕЛИСТЕР 18:00 часот