Македонската ракометна репрезентација вечерва со почеток во 19 часот во СЦ „Борис Трајковски“ го игра третиот натпревар од квалификациите за Европското првенство 2024 што ќе се одржи во Германија. Нашиот национален тим и селекторот Кирил Лазаров се соочуваат со проблеми по неколкуте откази на ракометари. Од различни причини за дуелите со Португалија, Лазаров нема да може да смета на Филип Талески, Жарко Пешевски, Марио Танкоски, додека повик за овие дуели не добија Дејан Манасков и Гоце Георгиевски.

Во една таква ситуација главни сили во нашиот состав повторно се интернационалците голманот Никола Митревски и Филип Кузмановски.

Денешниот противник Португалија е една од селекциите која има мала криза на резултати, иако последните години имаа и забележителни резултати почнувајќи од Европското првенство 2020 година кога завршија на шестото место, потоа беа учесници и на Олимписките Игри во Токио (9.место), на Светското во Египет завршија на 10.то место, па за нив помалку и разочарувачки делуваат пласманите лани на Европското 19.то место, како и 13.то место на Мундијалот што заврши во јануари годинава.

Португалците колку сериозно приоѓаат на дуелите покажува и фактот дека два дена пред натпреварот стигнаа во Скопје и најавуваат победа вечерва и секако и на дуелот во недела на нивни терен. Но, потенцираат и дека Македонија на домашен терен секогаш знае да биде незгоден ривал.

Во првиот натпревар од групата 1 од 3.коло вчера Турција го победи Луксембург на домашен терен и навести дека е кандидат за третото место во групата.

Македонија до крајот на квалификациите покрај дуелите со Португалија ќе ги одигра и натпреварите со Луксембург како гостин (26.април) и со Турција на домашен терен (30.април).