Македонскиот првак, МЗТ Скопје Аеродром утре ќе го игра натпреварот против Морнар во рамките од 19 коло на АБА лигата.
По победата над Цедевита Олимпија во претходната рунда, аеродромци сега се дополнително мотивирани и веруваат дека можат и до четвртиот триумф.
„Во Бар одиме со оптимизам и зголемена самодоверба, но без еуфорија бидејќи не ги забораваме претходните лоши партии, особено на гостински терен. МЗТ Скопје е единствен без победа на теренот на некој од противниците и ако сакаме опстанок во АБА ова треба драстично да се промени, секако во нашата корист. Очекувам подобра игра на моите кошаркари, кои се надевам ќе го задржат квалитетот и нивото на енергија од средбата против Цедевита Олимпија. Ако го сторат тоа, тогаш имаме шанси да се радуваме по пресметката крај Јадранското море“, изјави тренерот на МЗТ, Драган Николиќ.
Дуелот во Бар, меѓи Морнар и МЗТ Скопје А. ќе се игра утре со почеток од 18 часот, а како што информираа од „Јане Сандански“, а е потврдено и од МРТ, Македонската телевизија овојпат нема да врши директен пренос туку ќе емитува снимка од 20 часот.
Причината е поклопувањето на терминот со ракометниот натпревар од СЕХА лигата меѓу Вардар и Татран Прешов што ќе започне во истиот термин (18 часот).