На падините на Маврово денес и утре ќе се одржи традиционалниот 59-ти Мавровски Меморијал, кој воедно е и дел од ФИС Балкан купот.
Неразбирливо, од Скијачката федерација на Македонија, дури денеска се „одважија“ да ја информираат јавноста за тековните активности, иако „Мавровски меморијал“ e најстариот скијачки куп на Балканот и еден од најстарите ски купови во Европа и светот, а оваа година се одржува по 59-ти пат во организација на Скијачката федерација на Македонија и Меѓународната скијачка федерација (ФИС).
Несфатливо како никој во федерацијата изминатиот период не најде за сходно, барем преку допис до медиумите да информира за активностите, нешто што во минатото било пракса, па преку бројни прес-конференции се афирмирала оваа манифестација многу порано пред нејзиното одржување.
Освен објавите на Фејсбук и Инстаграм профилите на федерацијата, конкретни податоци досега во јавноста немаше ниту на официјалната страна на самата федерација!?
Оттаму и логично е да се постави прашањето, дали „Мавровскиот меморијал“ е манифестација само за „одбрано друштво“!?
На овогодишниот натпревар ќе земат учество 70 скијачи од повеќе земји, меѓу кои се: Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Бугарија и Грција. Техничкиот организатор, ски клубот Мирна Долина, под покровителство на АД ЕЛЕМ и Скијачката федерација на Македонија.
„Мавровскиот Меморијал е еден особено важен куп за Скијачката федерација на Македонија, кој секоја година традиционално се организира. Во чест на загинатите градители на планината Бистра оваа година ќе скијаат и ќе се натпреваруваат врвни скијачи од 6 различни земји, а ние со нашиот ангажман и напорна работа ќе продолжиме да ја одржуваме традицијата и да го поддржуваме развојот на зимските спортови во Македонија“, изјави Дејан Пановски, претседател на Скијачката федерација на Македонија.
Настанот се одржува во спомен на 38-те градители на хидросистемот „Маврово” и 14-те граничари кои ги загубија животите во снежна лавина во 1956 година.