„ДА СЕ БИДЕ ИЛИ НЕ!?“

Во низата изјави и коментари на нашите репрезентативци по двата загубени натпревари од Норвешка и Холандија со „импресивна„ гол разлика од -22 гола, би ја издвоил онаа на Никола Митрески, нашиот капитен на ова СП, човек кого исклучително го ценам кој во плеадата квалитетни голмани на нашата сцена успеа да се избори за своето место, успеа да направи интернационална кариера за почит. “

„Аргентина ќе биде финале за нас на ова СП“, рече Никуч.

Колку само болна вистина има во таа изјава. Колку е реална и ја одразува вистинската слика и моменталната состојба на македонскиот ракомет. Дијагноза на болест која рапидно прогресира. Моменталното ниво ни е Аргентина. А може и да падне подолу, кон Уругвај, САД, Босна, Косово…..

Причини многу и уште еднаш, тема која бара подолга, поширока анализа, но една од најголемите причини за ќорсокакот во кој се наоѓаме е немањето стратегија и визија на челните луѓе. Немањето стратегија за развој на создавање играчи, нивен извоз по Европа а со тоа и креирање мрежа, база на 30-40 ракометари во секое време кои би биле на располагање на репрезентацијата. И она што ќе го увезуваме да биде со висок квалитет и ќе мотивира и ќе создава домашен квалитет.

Нели, не е исто кога млад голман тренира заедно со Арпад Штербик и учи од него секојдневно или од некој анонимус од некоја бившо Советска република. Најадекватен пример за тоа е веројатно Струга.
Град и екипа која била препознатлива по создавање на домашни и квалитетни играчи, репрезентативци, сега во борбата за опстанок во македонска супер лига има 4 сомнителни по квалитет странци.


И такви примери се многу во моментов. За да бидеш странец некаде треба да си поквалитетен од оној домашниот, да донесеш дополнителен квалитет, додадена вредност. Такви примери се и Кире, Борко, Жути, Раде.. Играчи кои биле странци во силни клубови во силни европски лиги. Во нашиов случај или ние немаме никакви домашни ракометари, па мора да земаат се и секакво локално и регионално „ѓубре“ или клубовите имаат повеќе пари за фрлање, па наместо инвестирање во инфраструктура и младински школи, се натпреваруваат со комшијата.
Прилеп имал 4, Кавадарци мора да има 5 странци, Струга имала 5, нормално е Охрид да купи 7, и така натаму….

Реков, ова е за подолга и посериозна анализа, изработка на стратегија за некое друго место каде би имале и можност нешто да промениме и сериозни соговорници кои знаат и сакаат нешто да променат. Во моментов поставеноста на тие од кого зависи стратегијата за развој на ракометот е таква каква што е, и во Агенцијата за Спорт и Млади и во Федерацијата.

Но, да се вратиме на она што конкретно не очекува.

Аргентина. Репрезентација која до пред неколку години не би ја размислувале како сериозна пречка, еве денес мора да ја анализираме како да е Германија во своите најдобри денови.
По првите натпревари Аргентинците имаат скоро идентичен скор како нашиот. Нормално, зборуваме за негативната гол разлика. Единствената разлика е тоа што Аргентинците покажаа желба и мотивираност во одбраната за разлика од нас. Подобра поставеност. Заедништво.

Нивната ограниченост во нападот веројатно треба (мора) да биде нашето најсилно оружје денес.

Браќата Симоне се главните двигатели на аргентискиот напад кој нема некое брзо движење и проток на топка, па најчесто се сведува на игра еден на еден. Повремените блесоци на Паркер и Пизаро се уште еден доказ за немање јасна напаѓачка стратегија, но никако не треба да се сфатат несериозно. Повторно, погуста одбрана, агресивна од првата минута. Ако мора некаде да “пукне” одбраната, нека пукне на широките позиции меѓу 2 и 5 или на крилата.

Да им дадеме шанса на Митрески и Томовски да влезат во натпреварот. Да не дозволиме лесни голови преку средината на нашата одбрана, повторно. Агресивната одбрана ќе ни донесе повеќе технички грешки на противникот, а со тоа и наша шанса за повеќе лесни голови преку контри. Да ги искористиме нашите искусни крила кои на претходните натгпревари беа во улога на статисти. Денес, одбраната треба да го добие натпреварот.

Денес не смее да има оправдувања од типот “млади се”, “неискусни се”!

Бидејќи ниту се млади, ниту се неискусни. Митрески, Талески, Кузманоски, Манасков, Георгиевски, Маркоски, Томовски, Пешевски…. играчи кои со години и на домашната и на интернационалната сцена.

Селекторот бираше.Можеше и подобро, но одговорноста е негова.Селекторот постави и најави како ќе играме пред првенството. Селекторот е одговорен за начинот на кој игра и се однесува секој како индивидуа но и како колектив на и надвор од теренот. Селекторот треба да е модел и пример, посебно за помладите, посебно за оние кои сега почнуваат и се запознаваат со ракометот.

Дека само со многу труд, тренинг и посветена работа може да се биде Кире, Жути, Столе, Деки, Гоце, Никуч…. да се игра за својот омилен клуб, да се бранат боите на сопствената држава. Тоа никако не може да се случи со промовирање и губење време по локалните коцкарници и казина.

Одговорност пред се!

За кого?!
За МАКЕДОНИЈА!

МАРТИН КЛИНЧАРОВ